Македонија

Пет потврдени случаи на морбили, се испитува и сомнителен случај кај дете

Пет потврдени случаи на морбили, се испитува и сомнителен случај кај дете

Епидемиолошката состојба со морбилите во земјава и натаму се следи, откако покрај петте потврдени случаи, пријавен е и еден сомнителен случај кај дете постаро од една година. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска информираше дека за детето сè уште се прават лабораториски испитувања со цел да се утврди дали станува збор за морбили.

Од досега потврдените пет случаи, четири се македонски државјани, а едно лице е странски државјанин. Клековски посочи дека за секој случај се спроведува детална епидемиолошка анкета, при што се утврдуваат контактите за навремено да бидат известени сите лица кои можеби биле изложени на вирусот.

Министерот информираше и дека е зголемен интересот за вакцинација, а здравствените установи располагаат со доволни количества вакцини. Според него, на почетокот биле обезбедени речиси 15.000 дози, а достапни се и дополнителни количества.

Клековски демантираше дека Министерството за здравство или други здравствени институции испратиле препорака до Министерството за образование или Министерството за социјална политика да бараат потврди за вакцинација на децата.

Тој нагласи дека апелите на здравствените власти се насочени кон родителите, кои треба да бидат свесни дека со невакцинирањето ги изложуваат на ризик не само своите деца, туку и најмалите, вклучително и бебињата.

„Нема подобра заштита од сипаници од вакцинацијата“, порача Клековски, повикувајќи ги родителите да ги вакцинираат децата согласно предвидениот календар.

Тој додаде дека нема потреба од закани, присилување или фалсификување потврди, туку од заедничка одговорност и доброволна одлука за вакцинација, со цел да се спречи евентуално ширење на болеста и појава на епидемија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни