Македонија

Петровска: На Гостивар не му требаат политички расправии, туку две итни одлуки за безбедна вода

Петровска: На Гостивар не му требаат политички расправии, туку две итни одлуки за безбедна вода

Пратеничката Славјанка Петровска повика да престанат политичките препукувања околу состојбата со водоснабдувањето во Гостивар и побара Владата веднаш да преземе конкретни чекори за заштита на граѓаните.

Според неа, по случувањата во изминатите денови, граѓаните не очекуваат нови политички обвинувања, туку сигурност дека водата што ја користат е безбедна.

Петровска предлага Владата привремено да го преземе управувањето со водоснабдувањето од локалната самоуправа, сè додека не се утврди целосната состојба и не се гарантира безбедноста на системот.

„Кога локалните институции не можат да обезбедат безбедна вода, државата нема право да стои настрана и да ја префрла одговорноста“, наведува таа.

Воедно, бара веднаш да започне стручно чистење, испирање и дезинфекција на целата водоводна инфраструктура, проследено со независни и континуирани анализи. До потврдувањето дека водата е целосно безбедна, според неа, секој дом треба да добие чиста вода за пиење.

„Не уште едно соопштение дека состојбата ‘се следи’. Не уште една комисија. Туку одлука, акција и безбедна вода“, порачува Петровска.

Таа потенцира дека водата не е локално или партиско прашање, туку основно човеково право, додавајќи дека „одговорна власт дава решенија, а не изговори“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни