Македонија

Пиперката повторно падна на 25 денари: Земјоделците од Струмичко најавија блокади

Пиперката повторно падна на 25 денари: Земјоделците од Струмичко најавија блокади

Само четири дена траеле договорените откупни цени за пиперката, тврдат земјоделците од струмичкиот регион, кои повторно излегуваат на протест поради намалувањето на откупните цени.

Според објавата на Месното здружение на млади Муртино, веќе пет дена пиперката се откупува по околу 25 денари за килограм, а од страна на фабриките биле најавени и дополнителни намалувања на цените.

Земјоделците бараат да се почитуваат договорените откупни цени, како и договорената класификација на пиперката.

Тие информираат дека во изминатите денови биле во контакт со министерот за земјоделство Борче Серафимовски и повеќепати ја пријавувале состојбата со откупот на терен.

Од земјоделското здружение потсетуваат дека на состанокот на кој биле договорени откупните цени побарале и писмени гаранции дека преработувачите ќе ги почитуваат договорените услови. Такви гаранции, велат тие, не добиле.

Според земјоделците, министерот тогаш јавно посочил дека договорените цени мора да се почитуваат и дека државата ќе реагира доколку преработувачите отстапат од договореното.

Поради незадоволството од состојбата, за утре, 25 август, во 11 часот е најавен масовен земјоделски протест пред подрачната единица на Министерството за земјоделство во Струмица.

Најавени се и блокади, а земјоделците ќе започнат со собирање и движење кон местото на протестот во 10:15 часот. Организаторите ги повикаа земјоделците, доколку се во можност, на протестот да пристигнат и со земјоделска механизација.

Тие нагласуваат дека протестот ќе биде мирен и дека нема партиска заднина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни