Пиротехниката ја поставија по 01 часот додека ние веќе бевме во дискотеката „Пулс“ и беше многу блиску поставена до нас, рече сведок на денешното судење

Сведокот на обвинителството, Теа Ѓорѓиева, денеска пред судот евоцираше трауматични спомени од почетокот на кобниот пожар. Нејзиното сведоштво открива како забавата за секунда се претворила во борба за живот и како првичната несериозност кон пламенот довела до хаос и заглавување во толпата.

Одговарајќи на директните прашања на Обвинителството, Ѓорѓиева откри клучни детали за моментот кога избувнал огнот. Таа посочи дека пиротехниката не била поставена од самиот почеток, туку дополнително, додека тие веќе биле внатре.

„Јас снимав со телефонот, додека снимав, не го видов, после една минута забележав дека гори. Почетокот на пожарот е снимен на моето видео. Нормално, сите снимавме видеа во тие моменти… бендот почна да пее, видовме дека почна да гори, но никој не го сфати сериозно тоа“, сведочеше Ѓорѓиева, појаснувајќи дека огнот тргнал од горниот дел, од искрите на пиротехниката.

Чуден мирис, експлозии и спасување од обезбедувањето

Според нејзиниот исказ, дури и откако членовите на бендот им кажале на присутните да излезат надвор, голем дел од публиката останал внатре. Паниката настанала кога се упатиле кон излезот.

  • Стампедото: „Сфатив дека се заглавувам во гужвата… Следниот момент се сеќавам бев меѓу излезната и влезната врата. Знам дека бев заглавена, бев легната на земја и бев беспомошна. Во тој момент се обраќав за помош.“
  • Експлозиите: Сведокот посочи дека почувствувала „многу чуден, кисел мирис“ и дека зад себе слушала звуци налики на експлозии.
  • Спасувањето: Во моментите на очај, додека го држела својот пријател за рака, ја извлекол член на обезбедувањето по име Стојанчо.

Прашања од одбраната: Кој ја постави пиротехниката?

При вкрстеното испрашување, бранителката на обвинетите Дејан и Михаил Јованов се фокусираше на лоцирање на одговорноста за пиротехничките средства и реакцијата на публиката.

На прашањето од одбраната дали се согласува дека ниту Дејан, ниту Михаил Јованов не ја поставиле пиротехниката, сведокот одговори потврдно. Сепак, Ѓорѓиева не можеше да потврди дали тоа го направиле припадници на групата „ДНК“, одговарајќи со „Не знам“.

На крајот, одбраната упати прашање кое инсинуираше одговорност кај самите посетители: „Ќе се согласите со мене дека ако навреме ја сфатевте сериозноста немаше да настане толкава гужва и стампедо?“, на што сведокот повторно одговори само со: „Не знам“.