Македонија

По четири години затвор за креаторите на „Јавна соба“

Дарко Костовски и Михаил Паневски, креатори на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм денеска добија затворска казна од по 4 години.

Казната е изречена од Основниот кривичен суд Скопје.

Овие лица се обвинети за производство и дистрибуција на детска порнографија.

Според обвинението, во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.

На социјалната мрежа Телеграм оваа група веќе е згасната.

Според обвинителот Владимир Милошевски, обвинетите за производство и дистрибуција на детска порнографија во предметот „Јавна соба“, со умисла дозволиле да се направи достапно на членовите на групата содржина со аудио-видео материјал во кој се прикажани полови дејствија со дете.

Адвокатите на обвинетите побараа да се укине мерката куќен притвор или да биде заменета со друга поблага мерка, имајќи предвид дека Костовски и Паневски биле подолго време, односно околу 13 месеци во куќен притвор.

Судот по советувањето донесе решение мерката куќен притвор против обвинетите Костовски и Паневски да се продолжи до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, но не подолго од изречената казна затвор, заради тоа што се уште смета дека постои опасност од бегство на обвинетите.

Предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни