Македонија

По Сплит, Дино Мерлин може да остане и без концертот во Црна Гора – трошоците надминуваат 300.000 евра

По Сплит, Дино Мерлин може да остане и без концертот во Црна Гора – трошоците надминуваат 300.000 евра

По откажувањето на концертот во Сплит, босанскиот пејач Дино Мерлин би можел да остане и без настапот во црногорскиот град Бар, кој е планиран за 1 јануари 2027 година, како дел од новогодишната програма.

Според информациите на српскиот портал „Телеграф“, причината за можното откажување се високите трошоци за организација на концертот, кои заедно со техничките барања на пејачот би можеле да надминат 300.000 евра.

Како што пренесува медиумот, најавениот износ предизвикал незадоволство кај дел од жителите на Бар, кои сметаат дека станува збор за преголем трошок за општинскиот буџет.

Неименуван извор за „Телеграф“ тврди дека хонорарот на Мерлин, заедно со дополнителните технички услови за настапот, ја надминува сумата што општината може да ја обезбеди за организација на концертот.

Според истите информации, претставници на Општина Бар веќе стапиле во контакт со менаџментот на пејачот и побарале намалување на техничките барања, со цел да се намалат вкупните трошоци.

Доколку не биде постигнат договор и не дојде до значително намалување на расходите, постои можност концертот да биде откажан.

Оваа ситуација следува само еден ден по одлуката на градските власти во Сплит да го откажат настапот на Дино Мерлин, кој требаше да се одржи на 30 декември на познатата сплитска Рива.

Градоначалникот на Сплит, Томислав Шута, на 20 ноември соопшти дека градот нема да го потпише договорот со пејачот, откако информациите за цената на концертот предизвикаа реакции во јавноста.

Од тимот на Мерлин тогаш посочија дека договорениот бруто-износ за настапот изнесувал 140.000 евра, во кој биле вклучени и трошоците за неговиот тим и промотивната кампања. Тие најавија дека понатамошната комуникација со градските власти ќе ја преземе нивниот меѓународен правен тим.

Сега неизвесна е и судбината на новогодишниот концерт во Бар, каде што се споменува значително повисока сума за целокупната организација.

Засега нема официјална потврда дека настапот во Црна Гора е откажан, а според информациите објавени во српските медиуми, конечната одлука се очекува во наредните денови.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни