Градоначалникот на Брвеница, Јовица Илиевски, почина.
Причините за смртта засега не се објавени.
Илиевски беше позната политичка фигура во оваа општина, каде што ја водеше локалната институција во последните години.
Тој беше оженет и татко на две полнолетни деца.
Од 1999 година до ноември 2021 година беше вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. Од 11 ноември 2021 година беше избран за градоначалник на Општина Брвеница за периодот 2021–2025 година. Во периодот 2013–2017 година беше член на Советот на Општина Брвеница. Како голем вљубеник, беше активно вклучен во областа на спортот, беше поддржувач на голем број спортски настани и даваше големи придонеси во спортот. Од 2001 до 2013 година имаше учество во младите категории во рамките на ФФМ, а од 2013 до 2021 година беше член во младата репрезентација до 21 година (У21) во рамките на ФФМ. Од средината на 2021 година беше член во А-репрезентацијата. Исто така, од 2016 година па сè дотогаш беше потпретседател на Фудбалскиот сојуз Тетово.
Мицкоски: Со длабока тага ја примив веста за ненадејната смрт на Јовица Илиевски, градоначалникот на општина Брвеница.
Премиерот на Фејсбук напиша:
Со длабока тага ја примив веста за ненадејната смрт на Јовица Илиевски, градоначалникот на општина Брвеница.
Јовица беше работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водеше.
Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, со присуство и со резултати.
Беше секогаш меѓу луѓето. Ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Затоа граѓаните му ја дадоа довербата и за втор мандат.
Ќе го паметиме и како голем вљубеник во спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце.
Во овие болни моменти, моите мисли се со неговото семејство, со неговите најблиски, со граѓаните на Брвеница и со сите што го познаваа и почитуваа.
Јоцо на последните избори ја добивме најважната битка за твојата Брвеница, твоето дело и споменот за тебе нема да биде заборавен.
Вечен спомен!