Режисерот Сашо Миленковски почина на 63-годишна возраст, потврди Драмски театар — Скопје. Во својата богата кариера реализира повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, регионот и Европа.
Неговата професионална патека започна уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, со ангажман во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица (1988–1991), кој израсна во значајна сцена за современи театарски експерименти и меѓународна соработка.
Опусот на Миленковски се одликува со голема разновидност — од класиците Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет до современи драмски текстови, со посебен акцент на поддршката и афирмацијата на современата македонска драма.
Меѓу најзначајните негови режии се праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Битолскиот народен театар (1992), која освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и беше изведена на „Охридско лето“ и „Млад отворен театар“. Со оваа претстава, како и со „Буре барут“ поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски значајно придонесе за промоцијата на Дуковски, кој подоцна се етаблира како еден од најизведуваните македонски драмски автори во светот.
Успешно ги постави и драмите „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, како и „Лични огласи“ од Братислав Димитров. Важен дел од неговото творештво се и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмски театар — Скопје.
Како автор, Миленковски ги реализира и своите сценски проекти „Коледе“, „Гејм овер“ и „Ова не е американски филм“. Неговиот придонес кон независната сцена е значаен и преку основањето на театарот „Бабилон“ во 1999 година.
Во периодот 2006–2010 ја извршуваше функцијата директор на Македонскиот народен театар (МНТ), а од 2010 година беше драматург во Драмски театар — Скопје, активно учествувајќи во креирањето на современиот репертоар. Годинава ја доби Наградата за животно дело на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.