Лидерот на Партијата на слободата и доскорешен албански претседател Илир Мета ги повика граѓаните на масовно учество на утрешниот протест закажан за 18 часот под мотото „Протестирај“.
-Протестот на 13 септември е протест на граѓаните! Албанците мора да протестираат секој ден и секоја минута, затоа што распространетата корупција на Владата ги втурнува во крајна сиромаштија и ги брка од Албанија! Во вторник, во 18:00 часот, сите се среќаваме пред инценаторот во Тирана „ремек-делото“ на незаконитоста и корупцијата, се вели во видеопораката.
Мета денеска оддаде почит пред спомен-обележјето на лидерот на студентското движење Азем Хајдари, кој го носи епитетот“ симбол на албанската демократија“.
Хајдари, кој беше пратеник, на 35-годишна возраст беше убиен на денешен ден во 1998 пред седиштето на Демократската партија.
По оддавањето почит Мета даде изјава за медиумите во која ја обвини власта и нагласи дека само со протести може да се врати демократијата.
-Духот на протестот е тој што ќе ја воспостави демократијата, волјата на народот и ќе гарантира дека системот на одговорност ќе функционира во следните 200 години“, рече Мета.
Протестот ќе се одржи пред инценераторот за согорување отпад во Тирана а местото е избрано, според Мета, „затоа што Рама е вмешан во секоја афера“.
