Македонската влада ниту добила покана, ниту пак се размислува за приклучување кон Евроазиска економска унија. По информациите во дел од медиумите дека откако Северна Македонија и Албанија не ги почнаа преговорите со Европската унија, рускиот постојан претставник на ЕУ Владимир Чижов упатил покана до двете земји за нивно пристапување во Евроазиската унија, премиерот Заев вели дека приоритет на нашата земја останува Европската унија.
„Нема таква покана, ако стигала веројатно има некаква одбранбена мембрана, ѕид околу Владата па тешко да стигне до нас таква покана. На памет не ни паѓа за таква работа. Не, нема таква покана и се надевам дека нема да стигне таква покана“, рече Заев.
Како што пренесуваат дел медиумите наводно Чижов поканата ја упатил од Евроазискиот економски форум кој во петокот се одржа во италијанскиот град Верона, во која тој наводно истакнал дека Албанија и Северна Македонија побрзо би станале членки на оваа унија.
„Јас сум сигурен дека земјите кои се кандидати за членство во Европската унија и неодамна беа ставени „под мраз“ од Брисел би можеле да наидат побрзо на разбирање во Евроазиската унија“, рече Чижов.
Пред 5 дена Република Србија, која веќе ги има започнато преговорите со Европската унија во Москва потпиша договор за слободна трговија со Евроазиската унија. По потпишувањето српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека овој договор има големо значење за економијата на Србија и дека влегувањето во зоната на слободна трговија со земјите од оваа унија ќе го зголеми извозот на нивните производи и до 97 проценти. Веднаш откако Брнабиќ го стави својот потпис стигна и реакција од Брисел од каде и официјално посочија дека Србија треба да го преиспита овој потег, а доколку сака да стане дел од Европската унија ќе треба да се откаже од овој договор.