Политичарите и партиите се простуваат од Амди Бајрам

Политичарите и партиите низ соопштенија и изјави, се простуваат од поранешниот пратеник Амди Бајрам, кој почина денеска на 64-годишна возраст.

Длабоко жалење со телеграми со сочуство испратија претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и најголемите политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

„Со големо жалење ја примив тажната вест дека мојот долгогодишен и драг колега Амди Бајрам го напуштил овој свет. Дозволете од свое лично име и од името на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија да изразам длабоко сочувство за оваа голема загуба“, наведе претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претседателот на Собранието посочи дека Бајрам како долгогодишен пратеник и претставник на ромската заедница во Република Северна Македонија учествувал во носењето на голем број значајни и стратешки одлуки за земјата.

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, од свое лично име и од името на СДСМ, упати телеграма со сочувство до семејството, роднините и пријателите на Амди Бајрам, кој почина денеска на 64 годишна возраст.

„Со голема тага ја примив оваа жална вест. Изразувам искрено и длабоко сочувство до семејството, роднините и пријателите на Амди Бајрам. Во овие моменти на тага сочувствуваме со Вас, за вашата загуба која знаеме дека не може да се надомести.

Амди Бајрам беше долгогодишен претседател на Сојузот на Ромите од Македонија, наш коалициски партнер со кој имавме принципиелна соработка, кој учествуваше и во важните процеси за напредок на земјава.

Нека почива во мир!“, стои во телеграмата на генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

Телеграма со сочуство до семејството Бајрам, упатија и од ВМРО-ДПМНЕ.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејството и најблиските за ненадејната смрт на Амди Бајрам, долгогодишен пратеник во собранието на Република Македонија и претседател на партијата Сојузот на Ромите.

Бајрам беше политичар кој се вгради во македонската општествено политичка сцена и во текот на неговиот неколку децениски политички ангажман ќе се памети по своите заложби и говорења за правата на Ромите. Нека почива во мир.“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Илија Димовски на социјалните мрежи се прости од Амди Бајрам.

Го познавав долги години, беше весел, итар, полн со анегдоти, секогаш внесуваше смееа, па и во најтешки…

Posted by Ilija Dimovski on Saturday, October 24, 2020

.

Извор: ТВ21