Полска треба да и обезбеди на Украина четири борбени авиони МиГ-29 во наредните денови, изјави во четвртокот полскиот претседател Анджеј Дуда, со што стана првата земја од НАТО што ќе го стори тоа.
„Кога станува збор за авионите МИ-29, кои сè уште работат во одбрана на полскиот воздушен простор, донесена е одлука на највисоко ниво, можеме со сигурност да кажеме дека испраќаме МИГ во Украина“, рече Дуда.
„Имаме десетина МИГ-ови што ги добивме во 90-тите години од Германската Демократска Република и тие се функционални и играат улога во одбраната на нашиот воздушен простор. Тие се на крајот од нивниот оперативен век, но сè уште се функционални“, додаде Дуда.
„Во наредните денови ќе и предадеме четири авиони на Украина, а останатите машини се сервисираат и се подготвуваат за предавање. Ќе ги замениме со испораки на „јужнокорејски ФА-50 и американски Ф-35“, рече полскиот претседател.
Говорејќи на прес-конференција, заедно со новоположениот претседател на Чешката Република Петр Павел во Варшава, полскиот претседател продолжи да ги обелодени темите на разговор со неговиот чешки колега.
„Чешка и Полска се земји кои се во апсолутна авангарда кога станува збор за поддршката на Украина, и на хуманитарно и на воено ниво“, рече претседателот Дуда.