Големите поплави како последица на обилните дождови во северозападна Турција предизвикаа штети и доведоа до тешкотии на патиштата и во секојдневниот живот на граѓаните, јавуваат турските медиуми.
Потопот ги поплави и историските пазари во Истанбул, Големата чаршија и египетскиот пазар, а трговците се обидуваа сами да се справат со тоа. Автомобили се заглавија на различни места во метрополата. Поплавени се стопански објекти, јавува БТА.
Во квартот Бејкоз се урна ѕидот на градилиште во изградба. На местото на настанот се испратени екипи на Брза помош, противпожарна служба и Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД), кои се обидуваат да извлечат преплавено лице, јавува ТРТ Хабер.
Излеаните реки и блокираните одводни шахти ја искомплицираа состојбата на патиштата во метрополата.
Поплавени се и метрото и станиците на метрото.
Поплави имаше и во голем број други области во регионот на Мрамор (областите околу Мраморното Море). Слични слики од катастрофи беа забележани во Бурса, Јалова, Ескишехир, Текирдаг и Болу.
Поплавени се многу куќи, продавници и канцеларии. Улиците и булеварите се претворија во езера. Автомобилите останаа заглавени на коловозот, а на некои места водата целосно ги прекри.
На некои места врнежите беа придружени со силен ветер кој соборуваше дрвја.
Поплавени се 260 домови само во областа на општина Мудања, округот Бурса, но нема извештаи за загинати лица, информира АФАД.