Полицијата во Хонг Конг денеска повторно употреби бибер спреј и палки во растерувањето на демонстрантите кои се собраа пред една полициска станица во градот.
Во полициската станица се наоѓале други притворени демонстранти, јавија западните агенции.
Полицајците во опрема за разбивање демонстрациии со палки и штитови излегоа пред зградата на полициската станица за да се соочат со демонстрантите кои веќе со недели бараат поголема демократија во оваа поранешна британска колонија.
Претходно денеска, полицијата отвори судска постапка против 44 од веќе притворените демонстранти, кои учествуваа во пресметките со полицијата во претходните протести. За таквото кривично дело може да добијат и до десет години затвор.

