Пожарот во и околу каналот кој минува покрај Илинден во правец кон Белви предизвика загриженост, особено поради близината на инфраструктура со потенцијален ризик. Според информациите од терен, огнот е во непосредна близина на цистерните на „Макпетрол“, а во близина се наоѓа и бензинска пумпа.
Загриженоста е дополнително зголемена бидејќи пожарот се шири низ простор со трска и сува трева, што може да придонесе за негово брзо напредување доколку условите се променат.
На состојбата реагираше и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, кој информира дека пожарот гори претежно во трска и сува трева во и околу каналот.
„Пожар во и околу каналот кој минува покрај Арачиново во насока кон Белви. Гори претежно трска и сува трева во и околу каналот. БППЗ Скопје се на терен, имаат почетна контрола, засега нема опасност од неконтролирано ширење“, соопшти Ангелов.
Иако засега нема проценка за неконтролирано ширење на пожарот, близината на цистерните и бензинската пумпа ја прави ситуацијата особено чувствителна и бара внимателно следење и брза реакција на терен.
Жителите од околината се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат информациите од надлежните институции.