Министерството за внатрешни работи информира дека утрово во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на ул.„Козјак“ во Скопје, при ископ на темели со земја има затрупани работници.
„Тројца работници се извадени и пренесени со возило на Итна медицинска помош во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, додека еден работник е пронајден починат, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од таму.
Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ пак излезе со официјални информации за здравствената состојба на тројцата градежни работници кои утринава беа извлечени од затрупаниот ископ во населбата Кисела Вода.
Според соопштението од болницата, работниците се здобиле со различен степен на повреди:
- Најтешко повредениот: Еден од работниците е со сериозни фрактури, односно скршеници на двете потколеници и едната натколеница. Тој е под интензивен медицински третман.
- Полесно повредени: Другите двајца работници поминале со полесни телесни повреди и контузии. Кај едниот од нив веднаш била санирана повреда на лактот.
Од Ургентниот центар нагласуваат дека дијагностичките процедури за сите примени пациенти се во тек за да се исклучат дополнителни внатрешни повреди.
„Се следи здравствената состојба на повредените лица и продолжува нивниот медицински третман“, стои во краткото соопштение од Клиниката.
Оваа информација доаѓа по трагичниот исход на градилиштето каде, покрај овие тројца повредени, едно лице го загуби животот под наносите на земја. Трагедијата се случи на локацијата на ул. „Козјак“, каде инвеститор е фирма на поранешниот градоначалник Ивица Коневски.
