Русија го прогласи Борис Акунин, еден од најпопуларните романсиери во земјата, за странски агент.
Руското Министерство за правда го додаде Акунин во регистарот на „терористи и екстремисти“ поради неговите приговори за руската инвазија на Украина, пишува Би-Би-Си.
67-годишникот е познат по долгогодишните критики на претседателот Владимир Путин. Пред војната, детективските романи на Акунин беа бестселери во Русија, сè додека властите не ги забранија неговите книги.
Во соопштението на Министерството за правда се вели дека Акунин – чие вистинско име е Григориј Чартишвили – „се противел на специјална воена операција во Украина“.
Министерството додаде дека Акунин „ширел лажни информации со цел да создаде негативна слика“ за Русија и нејзината војска.
Тој е обвинет и за помагање во собирање средства за поддршка на украинската војска. На денот кога Русија ја започна својата сеопфатна инвазија на Украина, Акунин напиша: „Со Русија владее полуден диктатор и, што е најлошо, таа послушно ја следи неговата параноја“.
Одговарајќи на изјавата на Министерството за правда доцна во петокот, Акуњин, кој живее во Лондон, напиша: „Терористите ме прогласија за терорист“.
Ознаката „странски агент“, која потсетува на терминот „непријатели на народот“ од советската ера, бара од оние што се етикетирани како „странски агенти“ да се идентификуваат како такви на социјалните медиуми и другите публикации. Исто така, им наметнува тешки барања за финансиско известување.
Многу руски културни работници ја напуштија земјата откако Москва започна воена кампања против Украина. Оние кои остануваат се соочуваат со строги закони за цензура.