Политичките партии немаат морално право да ги празнуваат и да ги присвојуваат националните празници, како што е 22 ноември. Ова е заедничката констатација на албанските младински организации , кои велат дека Албанците се уште ги немаат основните гарантирани права.
Јасир Асани од Албанскиот младински форум, вели дека раководителите не МОН, но и политичарите не треба да бидат спокојни бидејќи на албанските ученици им се негира правото за учење на мајчин јазик.
„За да ги славиш празниците на 22 и 28 ноември, треба да направиш нешто за народот, да жртвуваш нешто а потоа да славиш. Во конкретниот случај, во Република Македонија, сметам дека нашите политичари, или министрите, Министерот за образование, не треба да бидат спокојни за да го слават овој празник поради многу причини. Да почнеме од тоа дека Законот за јазиците стапи на сила, помина во Собрание, но всушност се уште имаме пречки да учиме на албански јазик, нешто што е гарантирано со член 5 од Рамковниот договор“, рече Јасир Асани од Албански младински форум.
Хамзи Ибрахими од Албанската студентска унија вели дека политичарите ги приватизирале празниците и според него тоа го прават за да ги прикријат нивните неуспеси.
„Политичарите немаат никакво право да го слават денот на азбуката, 22 ноември или денот на знамето, 28 ноември, бидејќи албанскиот јазик е запоставен, насекаде има правописни грешки, не се почитува албанскиот јазик. Сето ова доаѓа од партијата на власт, бидејќи тие се главни виновници за овие неправди кон Албанците и за запоставувањето на јазикот“, вели Ибрахими.
Од друга страна, Јасир Имери од Албанската младинска платформа, тврди дека празниците се на народот, а не на политичарите. Тој вели дека народот е заслужен за постигнатото.
„Се надеваме дека ќе престане скрнавењето на албанскиот јазик во институциите на РСМ. Треба да се бара итно решение и коригирање на наставните текстови, граматичките грешки и слободно да се учи албанскиот јазик. Аферите како случајот на Караслари велешко, им штети на интересите на граѓаните“, вели Имери.
За обележување на овој празник, ДУИ организираше низа активности во текот на неделата, почнувајќи со посета на Куќата на Азбуката, одликување на ветераните во образование и откривањето на споменикот на екс-претседателот на САД, Вудро Вилсон во Чаир.