Граѓаните ги очекува продолжен викенд, откако понеделник ќе биде неработен ден по повод Денот на народното востание – 11 Октомври. Празникот годинава се паѓа во недела, па неработниот ден се префрла во понеделник, што на граѓаните им овозможува три слободни дена.
Денот на народното востание е државен празник со кој се одбележува почетокот на вооруженото востание во Македонија во 1941 година.
По продолжениот викенд што е пред нас, граѓаните ќе имаат можност за уште еден продолжен одмор во октомври. На 23 октомври, петок, се одбележува Денот на македонската револуционерна борба, кој исто така е неработен ден за сите граѓани.
До крајот на годината останува уште еден неработен ден за сите граѓани – 8 декември, кога се одбележува празникот „Св. Климент Охридски“.