Свет

Предвремените парламентарни избори во Словачка ќе се одржат на 30 септември

Предвремените парламентарни избори во Словачка ќе се одржат на 30 септември

Парламентот на Словачка денеска го одобри 30 септември за датум за предвремени избори во земјата, јави Асошиејтед прес.

Деведесет и двајца пратеници од 150-члениот Националниот совет (со двајца повеќе од потребното) гласаа за одлуката. Беше потребно една недела откако пратениците го изменија уставот за да се овозможи распишување предвремени избори.

Досега словачкиот устав не дозволуваше организирање предвремени избори, потсетува АП. Откако коалициската влада на премиерот Едуард Хегер го загуби гласањето за недоверба во парламентот во декември, претседателката Зузана Чапутова им даде рок на пратениците до 31 јануари да ги направат потребните уставни измени и да одобрат датум за предвремени избори.

Опозицијата побара изгласување недоверба по неколкумесечна политичка криза, а Чапутова повика кабинетот на Хегер да продолжи да владее со намалени овластувања како техничка влада.

Претседателката рече дека ќе избере нов премиер и ќе назначи своја влада доколку пратениците не го испочитуваат рокот.

Одлуката за предвремени избори на 30 септември ја поддржаа партиите вклучени во коалициската влада во оставка, додека опозицијата сакаше изборите да се одржат порано – во мај или во јуни.

Според последните анкети, опозицијата има добри шанси да победи на предвремените избори.

Владата во оставка донираше оружје за украинските вооружени сили и ги отвори своите граници за бегалците од војната со Русија, потсетува АП, цитирана од БТА.

Некои актуелни опозициски лидери, вклучително и поранешниот популистички премиер Роберт Физо, се против воената поддршка за Украина и санкциите на Европската унија кон Русија.

Следните редовни парламентарни избори во Словачка требаше да се одржат дури во февруари 2024 година, појаснува АП.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни