Глобалниот прекин на услугите на „Мајкрософт“, кој предизвика проблеми во здравството, финансискиот сектор и јавната администрација, повторно го отвори прашањето колку секојдневното функционирање на општеството зависи од мал број технолошки компании.
Милиони корисници останаа без пристап до електронска пошта, алатки за деловна комуникација и други услуги. Во дел од погодените организации вработените морале да користат хартиена документација, телефонски повици, па дури и телефакс за да продолжат со работата.
Проблемите почнале во четвртокот и продолжиле во петокот, најмногу погодувајќи ги услугите Microsoft 365, меѓу кои Outlook, Teams и Copilot. Според Downdetector, пријави за прекини пристигнале од 74 држави и територии.
„Мајкрософт“ соопшти дека проблемот произлегол од претходна надградба на мрежните капацитети, а се манифестирал по дополнителна промена на мрежните поставки. Компанијата ја отфрли можноста за кибернапад.
Во Велика Британија биле погодени делови од јавниот здравствен систем NHS. Некои вработени немале пристап до електронската пошта, а одредени установи преминале на хартиена документација. Пациентите биле предупредени на можни доцнења при обработката на рецепти и административните постапки.
Последици почувствувале и правосудството, полицијата и училиштата. Во финансискиот сектор, според Ројтерс, дел од трансакциите морале да се потврдуваат преку телефакс, додека проблемите во комуникацијата ја забавиле работата на банките и трговците со хартии од вредност.
Прекинот не значи дека престанале да работат сите основни системи на погодените институции. Многу од нив продолжиле да ги обезбедуваат главните услуги, но со отежната комуникација, администрација и обработка на деловните обврски.
Настанот ја истакна зависноста од инфраструктурата на големите технолошки компании. Иако банките, болниците и државните служби користат различни апликации, дел од нив се потпираат на истите сервери, платформи за комуникација или системи за најава. Поради тоа, еден технички дефект може истовремено да погоди организации што меѓусебно немаат никаква деловна поврзаност.
Сличен проблем се случи во јули 2024 година, кога неисправна надградба на безбедносниот софтвер на „Краудстрајк“ предизвика масовни проблеми на компјутери со Windows. Според тогашната проценка на „Мајкрософт“, биле погодени околу 8,5 милиони уреди. Последиците вклучуваа откажани летови, проблеми во болници, банки и продавници и прекини во телевизиското емитување.
И тогаш причината беше погрешна софтверска надградба, а не хакерски напад.
Аналитичарот Паоло Пескаторе од „ПП форсајт“, чија оценка ја пренесе Ројтерс, предупредува дека компаниите треба повеќе да вложуваат во резервни планови и во нивното практично тестирање. За клучните услуги, како комуникацијата и чувањето податоци, тој предлага да се разгледа користење повеќе различни даватели.
Резервната платформа може да остане недостапна ако за најавување го користи истиот систем што откажал. Исто така, резервната копија на податоците има ограничена корист во криза ако пристапот до неа зависи од нефункционална услуга.
Оттука, отпорноста на институциите не зависи само од заштитата од кибернапади, туку и од способноста да продолжат со работа при технички дефект. Прекинот повторно ја отвори европската дебата за дигитална независност, поголем избор на добавувачи и можност податоците и услугите полесно да се префрлат на друга инфраструктура.