Овогодинешната претставничка на Црна Гора, Владана Вучиниќ ги повика организаторите на Евровизија поради пропустите кои, како што тврди, и наштетиле на нејзиниот настап.
„Колку и да се трудевме за некои работи поврзани со самиот настап, нашите барања не беа уважени бидејќи очигледно тие се трудат многу повеќе во земјите кои имаат повеќе пари“, изјави Владана за црногорскиот портал ЦДМ . Пејачката смета дека „гледачите не го видоа тоа што им требаше“.
„Гледачите треба да знаат дека не зависи од нас бидејќи сите вложивме многу труд, а доказ за тоа е што оваа година, на пример, го имаме можеби најдоброто видео и затоа изведбата требаше да биде интересна. И сите мора да признаеме дека такво нешто Европа сигурно не очекувала од Црна Гора“, додаде таа и призна дека е разочарана од работата на организаторите.
Потсетуваме, Владана настапи во синоќешното второ полуфинално шоу на Евровизија . Таа се претстави со песната Breathe, но не успеа да освои место во финалето.
