Приведен активист на Левица на натпреварот Македонија–Израел по истакнување палестинско знаме

Претседателот на младинската организација на Левица – Црвена младина, Андреј Куцуловски, бил приведен за време на ракометниот натпревар меѓу Северна Македонија и Израел, информираат од партијата.

Според соопштението, Куцуловски бил уапсен откако мирно истакнал палестинско знаме на трибините. Од Левица тврдат дека приведувањето било извршено без образложение, без наведување конкретна основа за лишување од слобода и без посочување на кривично дело или прекршок. Дополнително, велат дека при интервенцијата полициските службеници не се легитимирале.

Од партијата обвинуваат дека институциите примениле непропорционална сила врз млад активист, додека, како што наведуваат, „вистински криминалци“ остануваат неказнети. Во соопштението се посочува и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, под чија надлежност е полицијата.

Левица најави дека ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за, како што велат, расчистување на случајот. Засега нема официјална реакција од Министерството за внатрешни работи.