Македонија

Продолжен притворот за осомничените за загадувањето на гостиварската вода: четворицата остануваат зад решетки уште 30 дена

Продолжен притворот за осомничените за загадувањето на гостиварската вода: четворицата остануваат зад решетки уште 30 дена
Фото: Фокус

Основниот суд во Гостивар им го продолжи притворот на четворицата осомничени за загадувањето на водата за пиење во Гостивар. На предлог на обвинителството, тие ќе останат во притвор уште 30 дена, потврдија од судот за Телма.

Меѓу осомничените е и поранешната директорка на Јавното претпријатие Комуналец – Гостивар, Артана Асани, како и двајца раководители во претпријатието, а мерката е продолжена и за уште едно лице.

Адвокатот на двајца од осомничените, Фатмир Алили, најави жалба, оценувајќи дека нема основ за продолжување на притворот. Тој наведе дека Артана Асани и Леон Нуредини се суспендирани од работа, дале изјава пред јавен обвинител и ги исполнуваат условите мерката да им се замени со куќен притвор.

Истрагата продолжува, а обвинителството и натаму прибира и анализира материјални и други докази.

Министерството за здравство издаде препораки за Јавното претпријатие Комуналец – Гостивар, како и за општинските комунални инспектори и надлежните инспекциски служби. Меѓу препораките се континуирано следење на количината на хлор и поставување автоматизиран систем за мерење, следење и графичко евидентирање на параметрите релевантни за процесот на дезинфекција.

Претседателот на советот на општина Гостивар, Валдет Џафери, за Телма изјави дека за 31 август е закажана седница на која ќе се разгледа можноста граѓаните на Гостивар да бидат ослободени од фактурите за месеците кога водата не била исправна за пиење и за употреба.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни