Македонија

Продолжи судењето за предметот „Онкологија 2“: Смичковска вели дека историите на пациенти оделе на потпис кај Васев

Продолжи судењето за предметот „Онкологија 2“: Смичковска вели дека историите на пациенти оделе на потпис кај Васев

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за предметот „Онкологија 2“, во рамки на кое сведочеше д-р Снежана Смичковска.

Таа пред судот изјави дека медицинските истории на пациентите редовно биле доставувани на потпис кај тогашниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев. Сепак, нагласи дека директорот немал директно влијание врз начинот на кој таа ги лекувала пациентите.

Смичковска посочи дека немала личен конфликт со Васев, но дека во последните години не се согласувала со начинот на кој тој раководел со Клиниката.

Во текот на сослушувањето било отворено и прашањето за ракописот во медицинските досиеја. Сведокот потврдила дека одредени белешки напишани со сино пенкало во историите на болест не се нејзини.

Одбраната во текот на расправата се обидела да го оспори нејзиното претходно вештачење во поврзана постапка, но Судот го одбил приговорот, појаснувајќи дека во овој процес Смичковска е повикана исклучиво во својство на сведок.

Во предметот „Онкологија 2“, обвинети се Никола Васев и Нехат Нухи, кои се товарат за незаконски набавки на лекови и фиктивни тендери во периодот од 2018 до 2022 година, со што според обвинението е причинета штета од околу 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината.

Следното рочиште е закажано за 24 март 2026 година, кога треба да започне изведувањето на материјалните докази.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни