По пристигнувањето на првата група евакуирани македонски државјани од Дубаи, државните институции продолжуваат со организација на нови летови за враќање на граѓаните од регионот на Блискиот Исток.
Синоќа на скопскиот аеродром слета авион со 151 патник, кои беа евакуирани од Дубаи. Според најавите, следниот лет е планиран за вторник и се очекува со него да пристигне сличен број граѓани. Трета евакуација е предвидена за средината на неделата, но конечниот број на патници ќе зависи од интересот на македонските државјани кои се наоѓаат во ризичните подрачја и сакаат да се вратат во земјата.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски информираше дека паралелно се работи и на организирање превоз за македонски државјани кои во моментов се наоѓаат во Бахраин, Катар и Кувајт.
Планот е тие најпрво да бидат префрлени во Саудиска Арабија, од каде што во среда би бил организиран авионски превоз кон регионот. Поради логистички причини, постои можност летот да слета во Косово, по што за патниците ќе биде обезбеден организиран транспорт до Скопје.
Властите најавуваат дека внимателно ја следат состојбата и дека евакуациите ќе продолжат во зависност од безбедносните услови и потребите на македонските државјани кои се наоѓаат во регионот.
