Македонија

Продолжува судењето за „Пулс“

Продолжува судењето за „Пулс“
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, денеска продолжува во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје.

Предметот е во фаза на изведување докази, а судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска. Обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

На претходното рочиште во фокусот беа наодите од градежното вештачење, при што вештите лица одговараа на прашањата од одбраната. Особено внимание беше посветено на материјалите употребени во објектот, меѓу кои полиуретанскиот сунѓер за акустична изолација, како и на градежните реконструкции и интервенции врз конструкцијата.

Професорот од Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, кој е дел од тимот што го изготвил вештачењето, одговараше на прашањата на адвокатката Ивана Коцевска, бранител на првообвинетиот Дејан Јованов.

Марковски потврди дека во вештачењето е констатирано присуство на полиуретански сунѓер на спуштениот плафон. Тој објасни дека остатоци од материјалот не биле пронајдени во објектот бидејќи целосно изгорел, но заклучокот бил донесен врз основа на фотодокументација, видео снимки, други вештачења и пронајдените траги.

Одбраната го испитуваше и начинот на кој биле изведени градежните интервенции за време на реконструкцијата во 2012 година, вклучително и зајакнувањето на меѓукатната конструкција со челични греди.

Марковски појасни дека во конкретниот случај не станувало збор за темелна, туку за подна плоча, бидејќи објектот немал изведена темелна плоча.

Прашања беа поставени и околу периодот во кој била изведена интервенцијата. Според Марковски, тимот на вештачењето ги добил податоците од сопственикот на објектот, а при изработката се земале предвид и наодите од целокупната тимска работа.

На прашањето дали постои доказ за точниот период на изведување на интервенцијата, Марковски одговори дека најрелевантен доказ е исказот на лицето кое ја извршило.

Во текот на рочиштето се разгледуваа и прашања поврзани со сопственоста на одредени делови од објектот, договорот за закуп, како и изградбата на двете галерии. Одбраната прашуваше и за поврзаноста на левата галерија над бината со меѓукатната конструкција во приземниот дел.

Марковски посочи дека не може со сигурност да потврди дали галеријата се поврзувала со конструкцијата на истата точка, но нагласи дека галериите, кои биле додадени во 2012 година, а отстранети во 2024 година, имале влијание врз конструктивните елементи на објектот.

Со завршувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распитот на вештите лица, се очекува да заврши изведувањето на доказите од страна на Обвинителството. Потоа, согласно најавите, одбраната треба да започне со изведување на сопствените докази.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година, за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, што ја прави една од најтешките трагедии во поновата историја на Северна Македонија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни