Македонија

Проф. Марковски со брутална вистина: Плаќаме прескапи квадрати за станови со лоши инсталации, несигурни лифтови и фиктивен надзор!

Проф. Марковски со брутална вистина: Плаќаме прескапи квадрати за станови со лоши инсталации, несигурни лифтови и фиктивен надзор!

Додека граѓаните плаќаат астрономски цени за станбен квадрат, реалната вредност на новоградбите е далеку под пропишаниот стандард. Градилишта без инженери, фиктивни потписи на документација, узурпирани јавни површини и целосен молк од институциите кои треба да ги штитат граѓаните — ова е суровата реалност во македонскиот градежен сектор што ја обелодени професорот од Градежниот факултет, Горан Марковски, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според него, градежниот хаос веќе со години буквално ги истурка пешаците од тротоарите, принудувајќи ги да ги ризикуваат животите движејќи се по коловозите.

„Сведоци сме на бројни градилишта кои воопшто не се оградени. Се узурпираат јавни површини, тротоари, делови од улици. Луѓето се приморани да одат по улица наместо по пропишаните патеки. Зошто? Затоа што оној кој гради го гледа само својот интерес, а институциите задолжени да ги штитат граѓаните едноставно ги нема. Се појавуваат дури откако ќе се случи некој немил настан“, вели Марковски.

Штедење на сè што е клучно — од јами до противпожарна заштита

Основната причина за ваквиот колапс на системот е желбата за екстремно висок профит преку кратење на трошоците на позиции каде што тоа е законски недозволиво. Професорот потенцира дека прво се штеди на најскапиот дел — заштитата на темелната јама, што е основен предуслов за безбеден почеток на секоја градба.

Понатаму, штедењето продолжува како „домино-ефект“:

  • Се штеди на противпожарна заштита на објектите.
  • Се штеди на квалитетен изведувач, проектант и ревидент.
  • Најкритично — се штеди на квалитетен надзор.

Градилишта „на автопилот“ и фиктивни потписи

Марковски сподели фрапантни информации од теренот кои ја објаснуваат лошта сосотјба со безбедноста на објектите, потврдувајќи дека струката е целосно маргинализирана.

„Сведок сум, а тоа ми е и професионална информација, дека на многу градилишта во текот на градбата воопшто не се појавува инженер. Ниту инженер од изведувачот, ниту надзорен инженер! Ситуациите се потпишуваат фиктивно, работниците се оставени сами на себе и оттука сомнежот во квалитетот на она што се прави е огромен“, алармира професорот.

Купуваме скапи станови со мизерен квалитет

Крајниот резултат од ваквиот неконтролиран процес го плаќаат купувачите на станови. Професорот посочува дека е исклучително ретко да се најде нов, скап стан кој ги задоволува основните стандарди за хумано и безбедно живеење.

  • Проблематични инсталации и редовно протекување на вода.
  • Исклучително лоша звучна изолација.
  • Несигурни лифтови и премногу тесни скалила.
  • Недостиг на паркинг простор и нула противпожарна заштита.

„Кога сето ова ќе го земеме предвид, доаѓаме до заклучок дека реалната цена на становите што ги плаќаме е уште повисока, бидејќи нивната вистинска вредност е далеку под стандардот што тие мора да го задоволат“, заклучува професорот Марковски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни