Свет

Прогласија еднонеделна жалост во Јужна Кореја по авионската несреќа со 179 жртви

Прогласија еднонеделна жалост во Јужна Кореја по авионската несреќа со 179 жртви

Во Јужна Кореја е прогласена седумдневна жалост по денешната авионска несреќа на аеродромот во градот Муанг. Потврдена е смртта на 179 луѓе, а само двајца преживеале.

Авионот „Боинг 737“ на јужнокорејската нискобуџетна авиокомпанија „Џеџу Ер“ летал од главниот град на Тајланд Бангкок кон градот Муанг.

Машината удрила во заштитната ограда на пистата и се запалила. На снимката објавена од локалните медиуми се гледа како авионот слетува „на стомак“ без распоредена опрема за слетување.

Меѓу првичните верзии за инцидентот беше и судир со јато птици. За опасноста од ваков судир, екипажот бил предупреден од контролната кула на аеродромот, поради што првично било одбиено слетувањето.

Две минути подоцна, сепак, пилотот дал сигнал за помош и кулата го ослободила слетувањето.

Истражните тимови соопштија дека ги пронашле црните кутии на машината, произведена во 2009 година.

Во меѓувреме, на аеродромот се собраа роднини на патниците, кои се претежно јужнокорејци по националност. Тие се враќале од одмор во Тајланд. Несреќата се опишува како најлошиот инцидент во јужнокорејска авиокомпанија во последните 30 години.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни