Пропадна тендерот за изградба на „Чебрен“

Истече рокот на којшто на грчката компанија „Архиродон“ и беше продолжена банкарската документација и да стави потпис на договорот. Сега по препорака на министерката Шукова како што таа кажа во разговор за МТВ, формиран е тим кои ги анализираа следните чекори. Во текот на утрешниот ден ќе има повеќе детали, како и кога ќе се пристапи кон подготовка на одлука за прекинување на постапката. Се разгледува комплетната документација за тендерот и ќе се препорача кои треба да бидат следните чекори на Министерството за екологија што ќе биде доставено и до Владата.

Грчката компанија се жалеше дека условите на тендерот не се исти како оние во владината одлука за изградба на хидроелектраната „Чебрен“, но од Владата беа децидни дека никакви промени во критериумите нема да има.

Ова беше 14-ти по ред обид да се гради овој проект, стар повеќе од три децении.

Голем дел од експертската јавност е децидна против грчката компанија „Архиродон“ да го гради „Чебрен“ и дека тоа треба да го стори државата. Здружението на инженери се на ставот дека државата има капацитет да го изгради овој капитален проект, парите нема да се одлеат во странска фирма и затоа поднесоа претставки до неколку институции и претседателот Пендаровски.

Во договорот кој стои без потпис стои дека „Архиродон“ за сума од 1 милијарда евра треба да ја изгради хидроцентралата на Црна Река и за возврат ќе добие две третини од стопанисувањето во наредните шеесет години како и стопанисувањето со ХЕЦ „Тиквеш“.