Македонија

Проработе единствениот ПЕТ/КТ скенер во земјава – денеска закажани 9 снимања

Проработе единствениот ПЕТ/КТ скенер во земјава – денеска закажани 9 снимања

По повеќемесечно чекање на онколошките пациенти, единствениот ПЕТ/КТ скенер во земјава повторно е ставен во функција. Од денеска се започнати снимањата, а според министерот за здравство Сашо Клековски, за денеска се закажани девет пациенти.

Проблемот со скенерот предизвика реакции кај пациентите кои со месеци чекаат на контролно снимање, од кое зависи проценката дали терапијата има ефект и дали е потребно лекувањето да продолжи или да се промени. Дел од нив, поради долгото чекање, беа принудени да бараат можности за снимање во странство или во приватни здравствени установи, каде едно ПЕТ/КТ снимање чини околу 1.300 евра.

Клековски денеска потврди дека скенерот повторно работи и дека е обезбедена неопходната количина радиоизотоп.

„Ја имаме неопходната количина на радиоизотопот. Комуницираме и со Софија и со Истанбул, сакаме да обезбедиме алтернативи за да може ПЕТ-скенерот да работи и во сабота“, изјави министерот.

Според него, капацитетот на скенерот треба значително да се зголеми. Лани биле направени околу 2.700 снимања, што според Клековски е максимумот што камерата може да го постигне во една година. До редовното сервисирање, пак, биле направени околу 1.100 снимања.

Целта на Министерството е годишно да се достигнат меѓу 5.000 и 6.000 ПЕТ/КТ снимања, бидејќи апаратот не се користи само за онколошки пациенти, туку има примена и во неврологијата.

Клековски најави дека се разгледува и можноста за набавка на втора ПЕТ камера, со што би се зголемил капацитетот и би се намалило времето на чекање за пациентите.

Проблемот со единствениот ПЕТ-скенер во земјава беше објавен на почетокот на август, кога беше соопштено дека апаратот не функционира поради дефект поврзан со опремата потребна за производство на радиоизотопи. Неколку дена подоцна, од Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија потврдија дека овластениот сервисер работи на отстранување на дефектот.

ПЕТ/КТ снимањето има особено значење кај пациентите со малигни заболувања. Со него се откриваат и локализираат тумори, се утврдува дали болеста се проширила и на кои места, како и дали пациентот реагира на терапијата. Резултатите им помагаат на лекарите да донесат одлука за понатамошниот тек на лекувањето.

Од Институтот претходно информираа дека проблемот бил поврзан со производствениот процес на радиоизотопи и дека овластениот сервисер работи на отстранување на дефектите. Оттаму посочија и дека во изминатите години не бил следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, вклучително и нејзино чистење и замена на маслото на секои пет години.

Во меѓувреме, Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија биле информирани за потребата од понатамошна тријажа на пациентите и користење други дијагностички методи додека траеше прекинот.

Сега, со повторното ставање во функција на скенерот, започнува реализацијата на закажаните прегледи, додека здравствените власти најавуваат дополнителни мерки за зголемување на капацитетот и обезбедување континуирана работа на ПЕТ-дијагностиката.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни