Протест на вработените во клинички центар, бараат извинување и повлекување на одлуката за поскап паркинг

„Нема да дозволиме паркингот што досега го плаќавме 350 денари месечно, да се покачи на 850”. Вработени во клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје се собраа во знак на револт против одлуката на Советот на град Скопје да го поскапи паркингот за вработените за 500 денари. Велат дека оваа мерка најсилно ќе удри врз медицинските лица што земаат минимални плати.

„Една хигеничарка што работи под лоши услови има плата од 12 илјади денари и една плата треба да и оди за паркинг, ако ова се усвои од 850 денари. Веројатно нема да и стигне“, изјави Јулија Јовановска, дипломирана медицинска сестра.

Од Синдикатот на клинички центар, бараат извинување од Шилегов и итно повлекување на одлуката.

„Изненадени сме, револтирани и крајно понижени од изјавата на градоначалникот Шилегов дека ние, вработените во Клиничкиот центар сме одговорни за хаосот и метежот што се случува со паркинг просторот. Тоа за нас е неприфатливо зашто не сме одговорни за тоа. Уште по понижувачки е изјавата дека ние сме биле одговорни за смртта на некои пациенти кои поради неможност за навреме да се паркираат во кампусот умреле“, изјави Горан Беговиќ, претседател на сидникат на клинички центар.

Решението го гледаат во изградба на катна гаража, но не преку зголемување на цената на паркингот.

„Не може вработените и пациентите на Клинички центар да ја градат катната гаража. Кога ќе има можности за инфраструктура и да се направи соодветно место за секој вработен, тогаш можеби ќе може да размислуваме за покачување на цена. Но, да има покачување на цена, а да нема каде да се паркира не е во ред. Треба да имаме соодветна услуга за она што треба да го платиме“, изјави Ивица Апостолов, медицински лаборант.

Сепак, Град Скопје не отстапува од одлуката за зголемување на цената.

„Ставот е тој. Совет на град Скопје веќе донесе одлука и таа одлука е важечка. Тоа е тоа“, изјави Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.

Од Синдикатот најавија дека од утре ќе ги блокираат наплатните пунктови на ЈП „Градски паркинг“.

Репортер: Данче Азманова

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното