Во рамки на меѓународната операција „CARBACK II“, спроведена под координација на ИНТЕРПОЛ, во Македонија биле проверени речиси 4.000 возила, а 67 биле одземени поради сомневања за различни кривични дела и царински прекршоци. Во акцијата биле лишени од слобода две лица, информира Министерството за внатрешни работи.
Операцијата се реализирала од 28 септември до 9 октомври 2026 година, со цел сузбивање на криминалот поврзан со моторни возила, откривање организирани криминални групи инволвирани во кражби, криумчарење и недозволена трговија, како и идентификување возила поврзани со осигурителни, лизинг и други финансиски измами.
Во активностите учествувале повеќе организациски единици на Бирото за јавна безбедност, меѓу кои Секторот за меѓународна полициска соработка, Одделот за криминалистичка полиција, граничната полиција, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, униформираната полиција и сите сектори за внатрешни работи.
Поддршка во акцијата дале и Царинската управа, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина.
За време на операцијата биле извршени 3.944 проверки на возила на контролни пунктови, гранични премини и други критични точки низ државата. Од вкупно одземените 67 возила, најголем дел, односно 55, биле одземени поради сомнение за кривично дело „прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“.
Дополнително, три возила биле одземени поради сомнение за фалсификување исправи, односно манипулации со бројот на шасијата (VIN), четири поради царински прекршоци, а две биле предмет на меѓународна потрага од Германија поради измами со лизинг и затајување.
По едно возило било одземено поради затајување, фалсификување исправи со користење регистарски таблички од друго возило и сомнение за кривично дело „оштетување туѓи права“.
Паралелно со полициските контроли, биле спроведени и координирани инспекциски надзори во 17 правни субјекти кои се занимаваат со продажба на возила и половни автомобилски делови. При овие надзори биле контролирани 809 возила, од кои 59 биле одземени.
Од МВР посочуваат дека учеството во операцијата претставува придонес кон зајакнување на меѓународната и меѓуинституционалната соработка, размената на оперативни информации и заедничката борба против организираниот и прекуграничниот криминал.