Министерството за надворешни работи на Русија денеска истакна дека одговорноста за сите негативни последици од агресијата против Иран во целост ја носат Соединетите Американски Држави и Израел, кои, како што наведува, настојуваат да го уништат иранското раководство.
„Вашингтон и Тел Авив повторно започнаа опасна авантура која регионот брзо го приближува кон хуманитарна, економска и, можеби, радиолошка катастрофа“, се наведува во коментарот на веб-страницата на руското Министерство.
Намерите на агресорите, како што додаваат, се јасно декларирани: да се уништи уставниот поредок и да се елиминира раководството на држава која одбива да се потчини на насилен диктат и хегемонија.
Руското Министерство истакна дека „одговорноста за негативните последици од вештачки предизвиканата криза, вклучувајќи ја непредвидливата синџирна реакција и ескалацијата на насилството, во целост е на нив“.
Во друго соопштение, Министерството за надворешни работи на Русија предупреди дека САД и Израел „го воведуваат Блискиот Исток во вртлог на неконтролирана ескалација, поттикнувајќи ги земјите од регионот да се вооружуваат со сè помоќни средства“.
„Не можат да не разберат дека, воведувајќи го Блискиот Исток во вртлог на неконтролирана ескалација, практично ги поттикнуваат земјите ширум светот, особено во регионот, да се снабдат со сè посериозни средства за соочување со растечките закани“, се наведува во соопштението на руското Министерство.
САД и Израел денеска изведоа серија напади врз цели во Иран, вклучително и врз главниот град Техеран, при што е предизвикана материјална штета и има цивилни жртви. Иран одговори со ракетни напади врз израелска територија, како и врз американски воени објекти во регионот на Блискиот Исток.
