Првата група македонски државјани евакуирани од Израел вечерва пристигна во Скопје, откако претходно биле пренесени преку Египет. На Меѓународниот аеродром во Скопје ги пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој информираше дека евакуацијата била комплексна операција што барала координација со дипломатско-конзуларните претставништва.
„Вечерва пристигна првата група наши сограѓани од Израел, кои беа евакуирани преку Египет. Таму беше целосно организиран превоз за нив од страна на Амбасадата“, изјави Димитровски.

Тој посочи дека во Израел во моментов остануваат уште седум македонски државјани кои засега не се одлучиле за евакуација, бидејќи чекаат повторно да се отвори воздушниот простор и евентуално да се вратат со приватен лет.
Според него, институциите работат на тоа најдоцна до понеделник сите македонски државјани кои сакаат да се вратат да бидат евакуирани со три до четири летови од различни дестинации.
„Наредните денови тие ќе бидат пренесени со чартер летови организирани од Владата и Министерството за надворешни работи. Еден од летовите ќе тргне од Ријад, Саудиска Арабија“, додаде Димитровски.
Евакуираните граѓани, како што посочи тој, изразиле благодарност што им било овозможено безбедно да се вратат во земјава. Дел од нив раскажале дека за време на престојот во Израел често морале да се засолнуваат поради сирени за тревога.
„Граѓаните кои пристигнаа вечерва велат дека секојдневно морале да одат во засолништа кога се огласувале сирени. Иако за израелските граѓани тоа е дел од секојдневието, за нашите било необично и тешко искуство“, изјави Димитровски.
Тој информираше и дека во земјите од Заливот во моментот престојуваат околу 600 македонски државјани, најмногу во Абу Даби и Дубаи, околу 140 во Катар, како и помал број во Бахреин и Кувајт.
