Претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган денеска на маргините на Самитот на Шангајската организација за соработка (ШСО) во Астана зборуваа за зајакнување на односите меѓу двете земји.
„И покрај сите тешкотии во светот, односите меѓу Русија и Турција напредуваат чекор по чекор“, рече Путин.
Зборувајќи за економската соработка, Ердоган рече дека трговскиот промет меѓу двете земји е на ниво од 55 милијарди долари годишно, но целта е да достигне 100 милијарди, пренесува РИА Новости.
Тој истакна дека руските туристи се важни за Анкара, а Турција очекува нуклеарната централа Акују наскоро да биде ставена во функција. Рускиот претседател потврди дека заедничките големи проекти се реализираат според планот и дека нема пропусти согласно планот.
Шангајската организација за соработка, основана во 2001 година, ги вклучува Индија, Иран, Казахстан, Кина, Киргистан, Русија, Таџикистан, Пакистан и Узбекистан.
Земји набљудувачи се Авганистан, Белорусија и Монголија, а партнери се Азербејџан, Ерменија, Камбоџа, Непал, ОАЕ, Турција и Шри Ланка. Како што се очекуваше, на претстојниот самит, Белорусија ќе стане полноправна членка на организацијата.
Учесниците на самитот планираат да потпишат пакет од 24 заеднички документи, како и да донесат завршна декларација и објава.