Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека секоја западна сила во Украина ќе биде „легитимна цел“ за руската војска.
Тој го изјави ова еден ден по состанокот на европските сојузници на Киев посветен на безбедносните гаранции. „Доколку некои сили стапнат таму, особено сега кога се водат борбите, ќе претпоставиме дека тие се легитимни цели за руската војска“, рече Путин на економскиот форум во Владивосток.
„И ако се донесат одлуки што водат кон мир, траен мир, едноставно не ја гледам целта на нивното присуство“ на украинска територија, додаде Путин.
Тој рече дека „никој не треба да се сомнева дека Русија целосно ќе ги почитува“ идните безбедносни гаранции за Украина.
На самитот на Коалицијата на волјата, предводена од францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, 26 земји, претежно европски, вчера „формално се обврзаа“ да „распоредат трупи во Украина како сили за поддршка или да бидат присутни на копно, на море или во воздух“, рече Макрон.