Македонија

Рама: Албанија нема да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ

Рама: Албанија нема да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ

Албанија нема намера да ја користи можноста за блокирање на Македонија во процесот на европска интеграција, порача албанскиот премиер Еди Рама, оценувајќи дека ветата меѓу земјите кандидати не се во духот на европската идеја.

Рама изјавата ја даде на младински камп во туристичкото место Јала, одговарајќи на прашање од студент од Скопје за тоа дали Албанија би можела да ја попречи Македонија доколку прва стане членка на Европската Унија.

Албанскиот премиер порача дека Тирана нема да поставува блокади кон соседните земји и дека напротив, има интерес Македонија да напредува на патот кон членство во ЕУ.

„Европа не е место каде што соседите се блокираат меѓусебно“, беше пораката на Рама, кој во повеќе наврати се изјаснувал против користењето на ветото како средство за решавање билатерални спорови во процесот на проширување.

Тој нагласи дека односите меѓу Македонците и Албанците треба да се темелат на меѓусебна почит и соживот, додавајќи дека Албанија ѝ го посакува најдоброто на Македонија во европската интеграција.

Изјавата доаѓа во период кога Албанија бележи значителен напредок во преговорите со Европската Унија. Тирана на 14 јули ги затвори првите три преговарачки поглавја, а претходно ги отвори сите 33 поглавја од пристапниот процес.

Албанските власти поставија цел земјата да стане членка на ЕУ до 2030 година, додека Македонија, иако го заврши скринингот, сè уште не го отвори првиот преговарачки кластер.

Од Европската Унија останува ставот дека за продолжување на преговорите со Македонија е потребно исполнување на преземената обврска за уставни измени.

Одлуките во процесот на проширување на ЕУ се носат со согласност на сите земји членки, што значи дека секоја членка има можност да влијае врз отворањето или затворањето на одредени фази од преговорите, како и врз конечниот прием на нови членки.

Пораката на Рама претставува политичка заложба на актуелната албанска влада дека европскиот пат на Македонија нема да биде условуван од билатерални прашања. Сепак, таа не претставува правно обврзувачка гаранција за идните влади во Тирана.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни