Македонија

Расчистени две измами во Охрид и Струга, двајца велешани осомничени за противправна корист од 5.500 евра

Расчистени две измами во Охрид и Струга, двајца велешани осомничени за противправна корист од 5.500 евра
Фото: 4news.mk

Полициските службеници расчистија две кривични дела „измама“ извршени во Охрид и Струга, при што осомничените се стекнале со противправна имотна корист од вкупно 5.500 евра.

Како што информираат од МВР, случаите биле расчистени од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал, во координација со СВР Охрид и СВР Велес.

По преземените мерки и активности било утврдено дека сторители на делата се А.С. и Д.С., двајцата од Велес.

Денеска, 19 август, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Велес, со судска наредба, извршиле претрес во нивниот дом во Велес.

При претресот биле пронајдени и одземени повеќе лажни банкноти во евра во различни апоени, српски динари, како и повеќе предмети кои наликуваат на злато и накит.

Меѓу пронајдените предмети имало златници со жолтеникава боја, циркони, алка со циркони, алка-синџир со жолтеникава боја, предмети со тркалезни топчиња налик на кристали, повеќе кутии за накит, како и мобилни телефони кои, според полицијата, биле користени при извршувањето на делата.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни