Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ изјави дека порталот uslugi.gov.mk моментално брои околу 340 илјади регистрирани корисници.
Тој нагласи дека користењето на платформата значително се зголемило во споредба со претходниот период, кога, како што рече, системот бил речиси неискористен.
„Имаше по 0,5 услуги од корисник, што значи дека половина од корисниците само еднаш кликнале за да добијат некаква услуга. Тоа покажуваше дека системот бил целосно неискористен. Имаме околу 2,5 услуги по корисник“, изјави Андоновски.
Според него, граѓаните најчесто бараат извод од матичните книги на родени, потоа уверение за државјанство, а меѓу најкористените е и услугата за добивање дозвола за оружје, која се наоѓа во топ 5 најбарани електронски услуги.