ВО ЗАЕДНИЧКА операција на Австриската криминалистичка разузнавачка служба, Шпанската и Колумбиската национална полиција, беше разбиена организирана криминална група осомничена за трговија со десетици жени од Колумбија и Венецуела во Австрија. Операцијата беше координирана од Европол и Интерпол, а се верува дека криминалната мрежа сексуално ги експлоатирала своите жртви во неколку австриски региони, пишува Европол.
Истрагата, која започна во средината на 2024 година, откри голема криминална операција во која се регрутирале ранливи жени во Колумбија и Венецуела. Осомничените ги намамувале жртвите со лажни ветувања за подобар живот во Европа. По пристигнувањето во Австрија, жените биле принудени на проституција за да ги отплатат своите патни долгови, кои можеле да достигнат до 10.000 евра. Покрај сексуалната експлоатација, жртвите биле принудени и да продаваат дрога на клиенти.
Вкупниот приход изнесувал 300.000 евра
Операцијата спроведена на 4 септември оваа година резултираше со пет апсења во Колумбија, сите колумбиски државјани. Десет претреси на куќи беа извршени и во Колумбија и Австрија. За време на операцијата беа запленети готовина, електронска опрема, разни видови дрога и неколку патни документи.
Криминалната мрежа имала добро организирана хиерархиска структура. Додека лидерите во Колумбија биле задолжени за регрутирање и патни аранжмани, членовите во Австрија управувале со нелегалните активности на терен.
Осомничените користеле неколку онлајн платформи за рекламирање на сексуалните услуги на своите жртви. Нелегалните приходи, проценети на околу 300.000 евра годишно, потоа биле перени и вратени во Колумбија.
Агенти на Европол на терен во Колумбија
Европол ја олеснил размената на информации, обезбедил аналитичка поддршка и ги координирал оперативните активности. На денот на операцијата, Европол испратил двајца експерти во Колумбија за да ги поддржат активностите на терен.
Интерпол ја олеснил прекуграничната полициска соработка преку својата безбедна глобална комуникациска мрежа I-24/7, а исто така испратил и службеник во Колумбија за да обезбеди аналитичка и форензичка поддршка на лице место.