Речиси 20.000 жители на германскиот финансиски центар Франкфурт мораат привремено да бидат евакуирани поради бомба од Втората светска војна, јави ДПА.
Околу местото каде што е пронајдена експлозивната направа тешка 500 килограми е воспоставена безбедносна зона со радиус од еден километар.
Неконтролирана експлозија ќе предизвика значителна штета на зградите и ќе ги загрози животите, предупредија властите, наредувајќи им на жителите да ја напуштат областа до 9 часот по локално време утре.
Воздушната бомба била откриена вчера за време на градежни работи во областа Бокенхајм. Ќе бидат потребни сериозни подготвителни работи за да се разјасни како може безбедно да се отстрани.
Надлежните велат дека според Службата за уништување на средства, единствениот можен начин е бомбата да биде активирана со контролирана експлозија.