Вкупно 14.369.470 денари (над 233.000 евра) е сумата која граѓаните ја платиле за патните трошоци на пратениците во македонското Собрание за 2025 година. Традицијата на високи исплати продолжува, а годинава „шампионската титула“ заминува во Битола, објави Инфомакс.
Нов рекордер: Кире Божиновски потрошил над 10.000 евра за пат
На врвот на листата е пратеникот Кире Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој за една година наплатил 637.233 денари само за патни трошоци.
Веднаш зад него е минатогодишниот рекордер, неговиот сопартиец од Прилеп, Петар Ристески, кој инкасирал 602.187 денари.
Високо на листата котира и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески од Струга, со наплатени 464.150 денари.
ТОП 10 пратеници со најголеми патни трошоци
Според официјалните податоци, ова се десетте пратеници кои ја чинеле државната каса најмногу по основ на патување во 2025 година:
- Кире Божиновски (ВМРО-ДПМНЕ) – 637.233 денари
- Петар Ристески (ВМРО-ДПМНЕ) – 602.187 денари
- Јован Митрески (СДСМ) – 464.150 денари
- Јулија Тушевска (ВМРО-ДПМНЕ) – 446.854 денари
- Зоранчо Јованчев (ВМРО-ДПМНЕ) – 426.640 денари
- Беким ќоку (Алијанса за Албанците) – 418.281 денари
- Драгана Арсова (ВМРО-ДПМНЕ) – 382.285 денари
- Петар Марков (ВМРО-ДПМНЕ) – 381.829 денари
- Никола Коњановски (СПМ) – 373.415 денари
- Миле Талевски (СДСМ) – 372.254 денари
И стан и патни трошоци: Кој ги користи двете права?
Покрај високите суми за патување, дел од пратениците го користат и правото на надоместок за закупнина на стан во Скопје, а истовремено наплаќаат и патни трошоци (веројатно за викенд-патувања до родните места).
На оваа листа се наоѓаат:
- Даниела Христова
- Олга Лозановска
- Грација Бакрачевска
- Јованка Тренчевска
- Лидија Петковска
- Ангелинка Петкова
- Саранда Имери Стафаи
Анкетни листови: Имаат стан во Скопје, а земаат пари од Собранието?
Посебно внимание привлекува податокот дека дел од пратениците кои наплаќаат патни трошоци или кирија, во своите анкетни листови до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) веќе имаат пријавено недвижнини во главниот град.
Како еклатантен пример се издвојува пратеничката Олга Лозановска. Иако ги користи двете права (и закупнина и патни трошоци во висина од 258.248 денари), таа според имотната состојба поседува стан во Скопје.
