Свет

Рекордни цени на Октоберфест: Литар пиво ќе чини до 15,90 евра

Рекордни цени на Октоберфест: Литар пиво ќе чини до 15,90 евра

Љубителите на пивото кои годинава ќе го посетат Октоберфест во Минхен ќе треба да издвојат уште повеќе пари. Литар пиво на 191. издание на фестивалот ќе чини од 14,80 до 15,90 евра, а просечната цена е зголемена за 2,38 отсто во однос на минатата година.

Градот Минхен не ги одредува цените на пивото на Октоберфест. Тоа е пракса уште од 1970 година, па секој угостител самостојно ја утврдува цената во својот шатор. Градските власти единствено проверуваат дали цените се разумни.

Најскапо пиво годинава ќе има во големите шатори „Армбрустшицензелт“, „Ловенброј-фестзелт“ и „Бројросл“, каде што литар ќе чини 15,90 евра. Во „Аугустинер-фестхале“ цената ќе биде 14,90 евра.

Само неколку од помалите шатори ќе ја задржат цената под границата од 15 евра. Најевтино ќе биде пивото во „Музеумсзелт“, каде што литар и годинава ќе се продава за 14,80 евра. Два од шаторите, пак, не ги зголемиле цените во однос на минатата година.

Поскапувањето не го заобиколи ниту безалкохолниот дел од понудата. Во „Бројросл“ литар сок ќе чини 15,80 евра, додека во „Винскиот шатор“ за литар вода ќе треба да се платат 15,33 евра.

Цените на пивото на Октоберфест од 2003 година растат побрзо од општата стапка на инфлација. Позначително поскапување имаше во 2018 година, поради новите германски правила за закуп, кои особено ги погодија големите шатори и доведоа до повисоки трошоци за организаторите.

Од 2022 година, пиварницата „Аугустинер“ намерно ја задржува најниската цена меѓу понудувачите.

Годинешниот Октоберфест ќе се одржува од 19 септември до 4 октомври. Фестивалот традиционално ќе започне со отворањето на првото буре во шаторот „Шотенхамел“, проследено со познатиот извик „O’zapft is!“.

Посетителите ги очекуваат и традиционални поворки, голем број атракции и саемски содржини, како и „Ојде Визн“ – делот со историски рингишпили и традиционална атмосфера. Во вторниците ќе се одржуваат и семејни денови со попусти на одредени атракции и храна.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни