Македонија

Ревизија на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија: Утврдени слабости во набавките и управувањето со залихите

Ревизија на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија: Утврдени слабости во набавките и управувањето со залихите

Недоволна контрола на залихите, слабости во спроведувањето на јавните набавки, проблеми со наплатата на побарувањата и голем број итни прегледи се дел од наодите во Конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансиското работење и усогласеноста на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија за 2024 година.

Според ревизорите, на Клиниката не било воспоставено навремено и ажурно евидентирање на потрошувачката на лекови и медицински материјали во сметководствената и материјалната евиденција. Воедно, дел од медицинските материјали биле набавувани и пред склучување на договори, со цел да не се наруши континуитетот во обезбедувањето здравствени услуги.

Во извештајот е наведено и дека во рамки на установата не е формирана болничка аптека, која согласно прописите треба да биде задолжена за управување со лековите и медицинските материјали.

Ревизијата утврдила и неправилности во дел од постапките за јавни набавки, при што не била целосно почитувана законската регулатива.

Дополнително, дел од побарувањата на Клиниката се постари од три години, што ја доведува во прашање нивната наплата. Констатирани се и разлики меѓу пресметаната и реално наплатената партиципација за извршените здравствени услуги.

Посебен акцент во извештајот е ставен на големата оптовареност на Клиниката. Според ревизорите, дури 66 проценти од сите реализирани прегледи биле извршени со итни упати или упати без закажан термин, што значително отстапува од предвидениот начин на функционирање на системот „Мој термин“.

„Ваквата структура на упатувања укажува на зголемено оптоварување на Клиниката, што може да влијае врз ефикасноста на планирањето и организацијата на работниот процес, оптималното користење на расположливите капацитети и достапноста на здравствените услуги за пациентите“, се наведува во извештајот.

За отстранување на утврдените слабости, Државниот завод за ревизија доставил осум препораки до ЈЗУ Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија, со цел подобрување на финансиското работење и организацијата на установата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни