Македонија

Родителите на загинатите во „Пулс“ со поддршка за обвинителството: „За нашите 63 ангели – вистина и правда!“

Родителите на загинатите во „Пулс“ со поддршка за обвинителството: „За нашите 63 ангели – вистина и правда!“
ФОТО: Протест во Скопје / 4NEWS.MK

Родителите на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ изразија поддршка за Јавното обвинителство, оценувајќи дека со вкрстеното испрашување на вештакот Петре Русевски на претходното судско рочиште биле отворени сериозни прашања за веродостојноста на неговиот исказ.

Во соопштението, родителите ја истакнуваат посветеноста и професионалноста на обвинителството во постапката за утврдување на одговорноста за трагедијата во која загинаа 63 лица.

Според нив, преку прецизни прашања и соочување со конкретни факти и докази, обвинителството укажало на противречности во исказот на вештакот Русевски, за кои сметаат дека се спротивни на наодите и заклучоците на вештаците од Градежниот факултет.

Родителите нагласуваат дека во судската постапка, во која се утврдува одговорноста за загубените човечки животи, секое стручно тврдење мора да биде засновано врз објективни, проверливи и научно поткрепени сознанија. Тие очекуваат обвинителството да продолжи со истиот пристап и доследност до целосно расветлување на трагедијата.

Во соопштението, сепак, посебно ја нагласуваат болката со која се соочуваат семејствата на загинатите, посочувајќи дека зад доказите, вештачењата и судските рочишта стојат 63 изгубени животи, неостварени соништа и семејства кои засекогаш останале без своите најблиски.

„Ова не е само судска постапка. Ова е борба за вистината, за достоинството на загинатите, за правдата што ја заслужуваат нивните семејства и за одговорноста што општеството им ја должи на сите 63 невини жртви“, порачуваат родителите.

Тие додаваат дека загинатите не можат да бидат вратени, но дека семејствата ќе продолжат да бараат вистината да биде утврдена, а одговорноста да не изостане.

„Нема заборав. Нема молк. Нема откажување. За нашите 63 ангели – вистина и правда!“, порачуваат родителите на загинатите во „Пулс“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни