Родителите на 63-те млади луѓе кои загинаа во трагедијата во Кочани пред една година, денес изразија разочарување од институциите по комеморацијата во Собранието на Република Северна Македонија. Според нив, децата не беа спомнати ни со име, што ја зголеми нивната болка и чувство на запоставеност.
– „Една година чекавме да се организира комеморација, за да дојдат со два листа прочитани да се правдаат. Очекувавме барем со име и презиме по две минути да се одвојат за секое дете. Разочарување, срамота“ – велат родителите, додавајќи дека нивните очекувања биле основни почитувања кон загубените животи.
Тие посочуваат дека ваквиот третман создава чувство на недоволна грижа од институциите кон семејствата што се соочуваат со неизмерна болка. Родителите најавуваат дека ќе продолжат да инсистираат на јавното признавање на секој загубен живот како дел од трајната меморија на трагедијата.
