Романскиот претседател Никушор Дан го прогласи рускиот конзул во југоисточниот крајбрежен град Констанца за „персона нон грата“ и му порача да ја напушти земјата, а се очекува и затворање на рускиот конзулат.
Оваа мерка доаѓа како одговор на упадот на руски дрон кој се урнал врз станбен блок во Галаци, при што биле повредени две лица, пишува Гардијан.
Претседателот на Романија, зборувајќи по состанокот на Врховниот совет за национална одбрана, рече дека дронот бил дел од рој од 43 беспилотни летала насочени кон цели во Украина. Тој, исто така, ги критикуваше некои романски политичари поради обиди да ја намалат одговорноста на Русија за инцидентот.
Дан изјави дека обединетиот одговор на сојузниците на Романија во НАТО претставува силна демонстрација на солидарност и најави дека Алијансата ќе премести дел од својата опрема за противвоздушна одбрана во Романија како привремено решение, додека земјата не ги унапреди сопствените системи, користејќи и средства од ЕУ.
„Некои веќе пристигнаа, други треба да пристигнат, а во разговорот што го имав со генералниот секретар на НАТО, инсистирав на брзина и тој целосно се согласува оваа опрема да пристигне во Романија што е можно побрзо“, порача романскиот претседател.