Во пресрет на празничните денови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска упати апел до возачите за одговорно учество во сообраќајот за 2 Август.
– Празникот одбележете го достоинствено и не управувајте моторно возило под дејство на алкохол! Како најголем државен празник, 2 Август-Илинден, треба да биде одбележен на достоинствен и соодветен начин, со сите почести и почит, согласно големината и важноста на овој празничен ден, велат од РСБСП.
Возењето под дејство на алкохол, како што посочуваат, е надвор од хуманите и цивилизациските вредности на современото општество.
-За жал, податоците од црната статистика и искуствата од минатите години покажуваат дека за време на празници, продолжени викенди и одмори, значително се зголемува интензитетот на сообраќајот, а паралелно со тоа се зголемува и бројот на сообраќајни незгоди. Една од причините за оваа фатална состојба за време на празници и продолжени викенди е токму фактот што во овие денови значително се зголемува бројот на возачи кои управуваат моторно возило под дејство на алкохол, истакнуваат од РСБСП.
Потсетуваат дека според законот дозволено количество на алкохол во крвта кај возачите изнесува 0,5 г/кг. Кај професионалните возачи и возачите почетници, не е дозволено никакво количество на алкохол во крвта.
