Руските сили денеска првпат по неколку недели го погодија јужниот дел на Украина во областа Одеса и градот Днипро, а сирените за воздушен напад се огласија низ целата земја поради стравувањата дека Москва извршила нов ракетен напад од големи размери, јави Асошиетед прес.
Погодена е инфраструктурна цел во областа Одеса, објави гувернерот Максим Марченко во Телеграма, предупредувајќи на закана од „масовен ракетен истрел“ низ целата територија на Украина.
Повеќе експлозии беа пријавени и во градот Днипро, каде беа оштетени две инфраструктурни локации, а најмалку едно лице е повредено, изјави заменик-шефот на претседателскиот кабинет на Украина, Кирил Тимошенко.
Системите за противвоздушна одбрана се активирани и во централниот дел на регионот Киев, објави гувернерот Олексиј Кулеба. Властите во регионите Полтава, Харков, Хмелницки и Ривне ги повикаа жителите да останат во засолништа за бомби поради континуираната закана од ракетни напади.
Во вторникот Русија изврши масовни напади врз цели во Украина. Тоа беше и најголемиот напад досега врз украинската енергетска инфраструктура, како резултат на кој проектил падна и во Полска.
Како што се приближува зимата, Русија се повеќе прибегнува кон напади врз енергетската мрежа на Украина, бидејќи загубите на нејзиното бојно поле се зголемуваат. Последниот напад се случи по неколку дена на украинска радост поради еден од најголемите воени успеси на земјата, повторното заземање на јужниот град Керсон минатата недела.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, штрајковите врз енергетските капацитети ги нарече „наивна тактика на кукавички губитници“. Во Телеграм, тој напиша: „Украина веќе претрпе екстремно тешки удари од непријателот, кои не доведоа до резултатите на кои се надеваа руските кукавици.“ Јермак ги повика Украинците да не ги игнорираат сирените за воздушни напади.